Language switcher

Social

 

Одржана XVIII-та Седница на Совет за развој на Источен плански регион

На 27.11.2020 година (петок) се одржа осумнаесеттата (XVIII) Седница на Советот за развој на Источен плански регион, која поради настанатата вонредна состојба на светско ниво COVID 19, се спроведе он-лајн преку виртуелната платформа Zoom.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Источниот плански регион, Директорот на Бирото за регионален развој Г-дин Рамиз Реџепи, претставници од Бирото за регионален развој и претставници од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

Клучна точка на XVIII-тата Седница на Советот за развој на Источен плански регион беше презентација на предложените концепт решенија, четврти чекор од концептот за регионални форуми на заедницата, алатка за идентификација, приоретизирање и подготовка на проекти за финансирање од Програмата за рамномерен регионален развој за 2021 година, управувана преку Министерство за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

Предложените концепт решенија беа претходно идентификувани, врз основа на избраните приоритетни области и подобласти од спроведената прва форумска сесија, што беше спроведена преку он-лајн прашалник. Понатаму со ангажираниот надворешен експерт, Денис Жерновски, беше спроведена теренска посета во сите 11 општини и беа идентификувани триесетина концепт решенија како одговор на идентификуваните проблеми од страна на населението во Источниот плански регион.

На денешната Седницата врз основа на претходно утврдените критериуми за регионален карактер, потребните финансиски средства за реализација и зрелоста на концепт решенијата од страна на надворешниот експерт беа презентирани 15 концептни решенија, а Советот за развој на Источен плански регион одлучи во наредните чекори да се продолжи со следниве пет концепт решенија:

1.  Градски пазар во Делчево - отворен и затворен дел - II фаза;

2.  Збогатување на содржините за рекреација во Источен регион-Општина Штип и Општина Кочани;

3.  Поставување на енергетско-ефикасно осветлување на дел од магистрален пат влез - излез Општина Македонска Каменица;

4.  Доуредување на регионален културно-туристички комплекс Лесново;

5.  Развој на спортско-рекреативен и езерски туризам и подобрување на инфраструктурата во Источниот плански регион преку изградба на локален пат во Туристичката населба Беровско езеро.

Во наредните денови за овие пет концепт решенија ќе биде спроведена втора форумска сесија преку која населението од регионот ќе има можност да дава забелешки и препораки за нивно подобрување, за на крај Советот за развој на Источен плански регион ја утврди годишната приоритетна листа на предлог-проекти за финансирање од Програмата за рамномерен регионален развој за 2021 година.

Целиот процес на идентификација на предлог-проектите за финансирање преку Програмата за рамномерен регионален развој во 2021 година е подржан во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.