Language switcher

Social

 

Започна реконструкцијата на културниот дом „Тошо Арсов“ во Виница

Центарот за развој на Источен плански регион и надзорниот инженер од МЦ-Инженеринг од Виница на 13 мај 2020 година го воведоа во работа изведувачот Техника ДООЕЛ Радовиш, со што и официјално започна реконструкцијата на културниот дом „Тошо Арсов“ во општина Виница.

Проектот се реализира со средства од Програмата за рамномерен регионален развој за 2020 година обезбедени преку Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, со дополнително кофинансирање од страна на општина Виница.

Со завршувањето на градежните работи објектот кој се наоѓа во централното градско подрачје ќе добие комплетно нова фасада, кино салата и сцената ќе добијат нов лик, ќе се направи целосна реконструкција на фоајето и тоалетите, како и ќе се направи замена на обработките на ѕидовите, плафонот и подот. Културниот дом „Тошо Арсов“ ќе биде опремен и со соодветна мултифункционална опрема, која ќе овозможи организација на најразлични  културно-забавни настани.

Ставањето во целосна функција на културниот дом „Тошо Арсов“ ќе помогне во подигнувањето на капацитетот на населението во Источниот плански регион за развој на туризам преку организација на најразлични настани за јакнење на свеста и анимација за зачувување на културното и природното наследство во регионот.

Вкупната вредноста на проектот е околу 16 милиони денари, а се очекува реконструкцијата да заврши до ноември 2020 година.