Language switcher

Social

 

Започна реализацијата на проектот „Реконструкција со адаптација на Мултикултурен центар во Кочани“

На 04.11.2019 година се потпиша договор за изведба на работи за  „Реконструкција со адаптација на Мултикултурен центар во Кочани“. Реализацијата на овој договор е во рамките на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, финансиран од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014 – 2020.

Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е со вкупен буџет од 562.353,54 евра, предвидува голем број на активности и градежни работи и ќе се реализира во соработка со општина Гоце Делчев од Република Бугарија во период од 24 месеци.

Реконструкцијата и адаптацијата на Мултикултурниот Центар во Кочани ќе ја изведува економскиот оператор Анол Импекс ДООЕЛ Скопје, а вредноста на градежните работи е во износ од 261.894,60 евра.

Градежните активности предвидуваат решавање на проблемот со влагата во објектот преку поставување на хидроизолација, поставување на комплетно нова водоводна и канализациона инсталација, поставување на противпожарна инсталација, громобранска инсталација, интернет и телефонска инсталација, поставување на нови вентилациони канали за санитарните јазли, комплетна демонтажа на надворешната и внатрешната столарија и поставување на комплетно нови ПВЦ врати и прозорци, целосна промена на кровот, поставување на термичка фасада, молеро-фарбарски работи, оспособување на таванскиот простор за потребите на Мултикултурниот Центар, поставување на комплетно нови подови, промена на осветлувањето на објектот и инсталација и набавка на нова видео и сигурносна опрема.

Изведувачот Анол Импекс ДООЕЛ Скопје беше воведен во градежните работи на 13.11.2019 година, а реконструкцијата и адаптацијата на Мултикултурниот Центар се очекува да заврши за 14 месеци.