Language switcher

Social

 

За регионот

Местоположбата на Источниот регион го опфаќа сливното подрачје на реката Брегалница, зафаќа 14% од територијата на Р. Македонија со површина од 3537 км2.

Регионот е поделен на 11 општини (Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип.), кои во поглед на урбанизираноста се поделени на 217 населени места од кои 209 места карактеризирани како рурални населби.

Овој регион од источната страна се граничи со Р.Бугарија, а комуникацијата со соседната држава се остварува преку граничниот премин  Делчево во општина Делчево. Постои можност за активирање на премините Клепало, Ајдутска чешма и Црна Скала.

Регионот има речиси четири пати помал пораст на населението во споредба со порастот на населението во земјата.

Вкупно бројот на жители во регионот изнесува 181.858. Густината на населеност изнесува 51 жител/км2. Меѓутоа, поради перманентниот процес на депопулација, голем е бројот на раселени села, села со големина од 100 жители и села со изразено висок индекс на стареење. Оваа состојба доведува до концентрирање на околу 66% од населението во градските средини.

Климатските услови во регионот се поволни за развој на земјоделството а особено за производство на ориз. Оризовите ниви од Источниот регион покриваат околу 95% од вкупното производство на ориз во Република Македонија. Ораниците и бавчите како дел од обработливите површини учествуваат со 84%. Земјоделското земјиште зафаќа површина од 165.639ха т.е. 14% од вкупната земјоделска површина во земјата, а дури 88.075ха т.е. 53.1% се пасишта.

Од особено значење се повеќето минерални извори како и термалните води во Виничко (Истибања) и Штипско (Кежовица).

Од водените ресурси со најголемо значење е реката Брегалница каде постојат две високи брани на акумулациите ″Калиманци″ и ″Кочанско Езеро″. Источниот регион нема други поголеми водни ресурси па во иднина водоснабдувањето и наводнувањето треба да се решава со подигање на нови акумулации на реката Брегалница како и на другите реки (како на пр. Злетовица).

Вкупната површина која се наоѓа под шуми во регионот изнесува 135.378 ha односно 13% од вкупните шуми во Република Македонија, што е 38% од вкупната територија на регионот.

Од суровините и другите ресурси со кои располага овој регион, најважно економско значење имаат олово-цинканите руди од рудниците Злетово, Добрево и Каменица. Годишното производство на руда во овие рудници изнесува 1.000.000 тони.

Од неметалните оруднувања, најзастапени се азбестот, каолинските глини, опалска бреча, како и лежиштето на јаглен-лигнит ″Брик″ во Берово чија годишна експлотација изнесува 100.000 тони.

Доминантна земјоделска гранка во Источниот плански регион е поледелството и најважна жина култура оризот. Освен оризот, добра застапеност бележи и јачменот, пченицата и пченката што покажува дека постои солидна основа за сточарско производство. Поради одличните природни услови за развој на земјоделството, може да се заклучи дека оваа гранка има висок потенцијал да го забрза економскиот развој на овој регион. Исто така развиени гранки се и раноградинарството, овоштарството и лозарството.

Доминантна индустриска култура е и тутунот а, воедно Источниот регион е и најголем производител на компир во државата.

Голем потенцијал за развој и извоз постои кај сточарското производство, посебно овчарството и козарството. Потенцијалот е голем за развој на млечната и месната индустрија бидејќи дури 40% од свињарството во република Македонија се реализира во регионот.

Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, е основан од страна на Собранието на Република Македонија на 27 март 2007 година. Во состав на Универзитетот се 13 факултети:

  1. Правен факултет - Кочани
  2. Економски факултет - Штип
  3. Земјоделски факултет - Штип
  4. Факултет за информатика - Штип
  5. Педагошки факултет - Штип
  6. Факултет за природни и технички науки - Штип
  7. Факултет за музичка уметност - Штип
  8. Факултет за медицински науки - Штип
  9. Електротехнички факултет - Штип
  10. Филолошки факултет - Штип
  11. Факултет за туризам и бизнис логистика - Штип
  12. Технолошко-технички факултет - Штип
  13. Машински факултет - Штип

Патната мрежа во регионот е просечно развиена, а состојбата на дел од магистралните патишта и дел од регионалните патишта е оценета како лоша.

Составот на локалната патна мрежа е лоша поради слабите инвестиции и недостатокот на финансиски средства.

Значењето на малите и средните претпријатија во производството и отворањето на нови работни места е од голема важност, со интензивниот раст во последните неколку години, малите и средни претпријатија полека го превземаат приматот на најголем производител во нефинансискиот сектор, тие доминираат со 72% во Источниот регион.

Индустријата во однос на вработувањето учествува со 67%.

Во Источниот регион познати археолошки локалитети се: Виничко Кале и Баргала.

Природното наследство е исклучително богато со што се отвара можноста за развивање на руралниот туризам.

Доказ за богатото природно наследство и можноста за негово искористување се неколку природни резервати Готен, Линак, Малеш, Зрновска река, Река Уломија, потоа споменици на природата Звегор, Пештера Коњска Дупка, Мородвис, Мачево, Црна Топола и голем број на села.